Сакале да измамат осигурување, но не сметале на камерите – паднаа во сопствената замка
Двајца жители на тетовскиот регион се осомничени за обид за осигурителна измама, откако, според информациите од Министерството за внатрешни работи, инсценирале сообраќајна несреќа со четирицикл.
Случајот бил пријавен вечерта на 8 јули, кога било соопштено дека четирицикл излетал од коловозот и се превртел на крстосница во Тетово. Сепак, проверките на полицијата и снимките од системот „Безбеден град“ покажале сосема поинаква слика.
Според МВР, камерите снимиле како четирициклот воопшто не учествувал во сообраќајна незгода. Наместо тоа, бил донесен со возило на влечна служба, по што неколку лица го симнале и намерно го превртеле на тротоарот, со цел да создадат лажен впечаток дека се случила сообраќајна несреќа.
По консултација со Основното јавно обвинителство во Тетово, возилото било одземено како доказ во постапката.
Подоцна истата вечер, полициски службеници ги лишиле од слобода 44-годишниот пријавител и 45-годишниот возач на четирициклот, поради сомнение дека сториле кривично дело „осигурителна измама“.
Од МВР информираат дека двајцата се задржани во полициска станица, а по целосното расчистување и документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното обвинителство.







