Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го посетија Визбегово, каде разговараа со претставници на компаниите кои работат во оваа деловна зона.
Главна тема на средбата беше изградбата на транзитниот магистрален пат „Хасан Приштина“, инфраструктурен проект кој треба значително да ја подобри сообраќајната поврзаност на Визбегово.
Според најавите, новата сообраќајница ќе биде долга околу 3,5 километри и ќе располага со четири сообраќајни ленти. Со нејзината реализација се очекува да се намали сообраќајниот метеж и да се создадат подобри услови за компаниите кои работат и инвестираат во оваа зона.
Меџити истакна дека проектот има пошироко значење и за поврзувањето на Скопје со Блаце и Косово.
„Магистралниот пат ‘Хасан Приштина’ е стратешки проект за Визбегово и за Скопје. Со околу 3,5 километри и четири сообраќајни ленти, значително ќе го олесниме сообраќајот и ќе создадеме многу подобри услови за бизнисите кои работат и инвестираат во оваа зона. Истовремено, Скопје ќе добие побрза и пофункционална врска кон Блаце и Косово“, изјави Меџити.
Проектот треба да придонесе за модернизација на инфраструктурата во Визбегово, понатамошен економски развој на деловната зона и поефикасна сообраќајна врска на главниот град кон Косово.










