Помошник-директор во Царинската управа е лишен од слобода во акција на Обвинителството и полицијата, под сомнение дека во повеќе наврати побарал и примил вкупно 17.500 евра.
Акцијата била реализирана по пријава од граѓанин, а ја водел јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во соработка со полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР.
Осомничениот е помошник-директор на Секторот за административно-технички работи во Царинската управа. Според досега прибраните докази, постои основано сомнение дека сторил кривични дела „Примање поткуп“ и „Примање награда за противзаконито влијание“.
Од Обвинителството наведуваат дека во периодот од април/мај до септември 2026 година, осомничениот, користејќи ја службената положба, во повеќе наврати побарал и примил вкупно 17.500 евра.
Од нив, 7.500 евра наводно биле поврзани со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Според сомненијата, парите биле побарани за договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од раскинување.
Дополнително, во друга постапка за јавна набавка која била во жалбена постапка, осомничениот наводно побарал уште 10.000 евра, повикувајќи се на свое претпоставено влијание врз натамошниот тек на постапката. Според Обвинителството, за возврат требало да влијае врз постапувањето во жалбената постапка, како и врз условите и техничката спецификација.
Надлежниот јавен обвинител оценил дека се исполнети законските услови и до судија на претходна постапка доставил предлог за определување притвор.
Од ОЈО ГОКК посочуваат дека ова е втор случај за неполна седмица во кој постапување по пријава од граѓанин резултирало со реализација на случај и ги повикаа граѓаните да пријавуваат сознанија за можни коруптивни дејствија.










