Платото во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е локацијата што се разгледува за изградба на новиот клинички центар, а во игра се две можни позиции – пред или зад базенот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата ги анализира двете опции и дека конечната одлука треба да биде донесена многу брзо.
„Тоа се двете можности за кои размислуваме и преговараме. Многу бргу ќе имаме конечно решение, а како сето тоа ќе биде интегрирано, допрва ќе носиме одлука“, изјави Мицкоски по пуштањето во употреба на реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија.
Тој најави дека наскоро ќе бидат соопштени и повеќе детали поврзани со ГОБ „8 Септември“.
Мицкоски се осврна и на планираната еврообврзница, посочувајќи дека нејзиното издавање се очекува на почетокот на следната година, во периодот март-април. Дали ќе биде реализирана во еден или два купона, според него, ќе зависи од пазарните услови, интересот на инвеститорите и информациите од ангажираните брокери.









