Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) објави 69 претходно доверливи претседателски разузнавачки извештаи, кои откриваат детали за информациите со кои американските служби располагале во годините пред терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Меѓу декласифицираните документи особено внимание привлекува извештај од септември 1998 година, од времето кога претседател на САД беше Бил Клинтон.
Според документот, аналитичар на ЦИА ја предупредил Белата куќа дека терористичката мрежа „Ал Каеда“ би можела да изврши напад врз американски град со авион наполнет со експлозив.
Предупредувањето било доставено речиси три години пред нападите од 11 септември 2001 година, кога киднапирани патнички авиони беа употребени за нападите врз Њујорк и Вашингтон.
Објавувањето на документите доаѓа по повод 25-годишнината од нападите на 11 септември и отвора нов увид во разузнавачките проценки и предупредувања што циркулирале во американската администрација пред трагедијата.






