Петнаесетгодишно момче успеало да преживее речиси два дена во студените води на Беринговото Море кај Алјаска, држејќи се за превртен чамец, додека неговиот постар брат и братучедот трагично го загубиле животот.
Момчето, неговиот 35-годишен брат и нивниот братучед тргнале на риболов од селото Савунга на островот Сент Лоренс. Откако не се вратиле во планираното време, семејството го пријавило нивното исчезнување, по што американската крајбрежна стража започнала голема потрага со авиони и хеликоптери.
Еден од воздушните екипажи во понеделникот го забележал тинејџерот покрај превртениот чамец. До него бил спуштен спасувачки сплав и опрема, а за негово извлекување бил повикан рибарскиот брод „Нортвест Експлорер“.
Според информациите, момчето и неговиот братучед извесен период заедно се држеле за чамецот, но братучедот во еден момент паднал во водата. Тинејџерот подоцна им кажал на спасувачите дека неговиот брат останал под превртениот чамец.
Температурата на водата била околу 10 Целзиусови степени, а момчето поминало речиси два дена изложено на студот.
„Тоа е навистина издржливо момче“, изјавил капетанот на рибарскиот брод Адам Вајт.
Кога конечно било извлечено од водата, момчето покажувало симптоми на хипотермија. Екипажот веднаш започнал да го загрева со ќебиња и топли облоги.
По неговото спасување, потрагата продолжила, но подоцна биле пронајдени телата на неговиот брат и братучед.
Видео:







