ПРВ.мк
Свет

Напад врз енергетското срце на Саудиска Арабија: Затворен нафтовод што пренесува 5 милиони барели дневно

Напад врз енергетското срце на Саудиска Арабија: Затворен нафтовод што пренесува 5 милиони барели дневно

Клучен нафтоводен систем во Саудиска Арабија е погоден во напад, по што избувнале повеќе пожари, а транспортот преку цевководот бил прекинат како мерка на претпазливост.

Според првичните информации, погодени биле пумпни станици во непосредна близина на нафтоводот. Сателитските снимки покажуваат поголеми оштетувања од пожар на една од станиците, додека кај друга бил забележан помал пожар и густ црн чад.

Засега нема официјална потврда кој стои зад нападот, ниту дали самиот цевковод претрпел сериозни оштетувања. Американски функционери изјавиле за Си-ен-ен дека нападот бил извршен со беспилотни летала кои дошле од правец на Ирак.

Станува збор за исклучително важна енергетска инфраструктура за Саудиска Арабија. Од почетокот на војната меѓу САД и Иран, преку овој систем се транспортираат околу пет милиони барели нафта дневно, со што се намалува зависноста од транспортот со танкери преку Персискиот Залив.

Нападот доаѓа во период на дополнително зголемени тензии во регионот, само неколку дена откако Хутите зазедоа стратешки важен пристанишен град на Црвеното Море во Јемен.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што Саудиска Арабија неодамна го известила ОПЕК дека нејзиното производство на сурова нафта во претходниот месец нагло се намалило и достигнало најниско ниво од 1990 година.

Доколку оштетувањата се ограничени само на пумпните станици, поправките би можеле да бидат поедноставни. Сепак, евентуално сериозно оштетување на самиот цевковод би можело значително да ја усложни ситуацијата со транспортот на саудиската нафта.