Американскиот претседател Доналд Трамп, на комеморацијата во Пентагон по повод 25-годишнината од терористичките напади од 11 септември 2001 година, порача дека САД ќе продолжат со борбата против тероризмот и дека Иран не смее да се здобие со нуклеарно оружје.
Трамп изјави дека на овој ден им се оддава почит на сите припадници на американската војска кои служеле во војната против тероризмот, како и на војниците кои денес се ангажирани во американските операции поврзани со Иран.
Тој го нарече Иран „најголем спонзор на тероризмот во светот“ и нагласи дека една од целите на САД е Техеран никогаш да не дојде до нуклеарно оружје.
Осврнувајќи се на периодот по нападите од 11 септември, Трамп рече дека тогаш бил покажан „вистинскиот дух“ на американската нација.
„Тој ден сите бевме њујорчани, но во исто време бевме и Американци. Сите бевме едно семејство“, порача Трамп.
Американскиот претседател додаде дека земјата никогаш нема да ги заборави нападите и дека борбата против тероризмот продолжува.
„Затоа се бориме денес. Немаме избор. Постои само победа. Се бориме жестоко. Се бориме за победа“, изјави Трамп.
Комеморативните церемонии се одржуваат по повод 25 години од нападите на Ал Каеда на 11 септември 2001 година, во кои загинаа околу 3.000 луѓе.






