Тетовската полиција приведе 16-годишен малолетник кој е осомничен за серија кражби извршени во неколку џамии во градот во изминатите две недели.
Според информациите од СВР Тетово, малолетникот бил лишен од слобода на 19 мај околу 18 часот, поради сомнение дека сторил кривично дело „тешка кражба“, казниво според член 236 од Кривичниот законик.
Истражителите се сомневаат дека тој стои зад повеќе кражби во верски објекти, а последниот случај бил регистриран во џамија на улицата „176“ во Тетово.
Според пријавата, осомничениот со употреба на сила ја скршил металната каса за донации, по што одзел пари што се наоѓале во неа.
Од полицијата информираат дека малолетникот е задржан во полициска станица, а за случајот бил известен и јавен обвинител.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.








