По повод 20 Мај – Денот на пожарникарите на Република Македонија, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Кавадарци денеска организира свечено дефиле низ градските улици и показна вежба за граѓаните.
Кавадарчани денеска ќе имаат можност да ја видат подготвеноста и опременоста на нашите локални херои. Свеченото дефиле ќе биде составено од дури 19 специјализирани противпожарни моторни возила, кои ќе поминат низ главните сообраќајници со вклучена светлосна и звучна сигнализација.
Маршрута на движење на колоната
Дефилето започнува точно во 11:00 часот пред објектот на Граничната полиција, а возилата ќе се движат по следната маршрута:
- Булевар „Никола Минчев“
- Булевар „Моша Пијаде“ (до кружниот тек, па назад кон „Илинденска“)
- Улица „Илинденска“
- Улица „Тиквешко востание“
- Улица „Страшо Пинџур“
- Улица „Народен фронт“
- Улица „Пионерска“
- Улица „Гоце Делчев“
- Крајна дестинација: Паркингот кај Спортската сала „Јасмин“ (кај кошевите)
Спектакуларна показна вежба кај салата „Јасмин“
Веднаш по завршувањето на дефилето, на паркингот кај С.С. „Јасмин“, храбрите пожарникари од ТППЕ Кавадарци ќе изведат специјална показна вежба за сите присутни граѓани и посетители, каде ќе ги демонстрираат своите вештини при интервенции.
„Ве покануваме заеднички да го одбележиме овој посебен ден за нас и да им оддадеме признание на луѓето кои секојдневно го ризикуваат својот живот за нашата безбедност. Ве очекуваме на паркингот кај спортската сала 'Јасмин'“, порачуваат од ТППЕ Кавадарци.
Дојдете со вашите најмлади, поддржете ги кавадаречките пожарникари и бидете дел од оваа убава манифестација!






