Македонските граѓани кои во понеделник, 27 јули, планираат да отпатуваат во Грција треба да бидат подготвени за можни подолги задржувања на граничните премини поради најавениот штрајк на грчките царински службеници.
Федерацијата на грчките цариници (ОТИЕ) најави четиричасовен предупредувачки штрајк, кој ќе трае од 7:30 до 11:30 часот по грчко време, односно од 6:30 до 10:30 часот по македонско време.
Штрајкот ќе се спроведува на национално ниво и ќе ги опфати царинските служби на сите гранични премини, аеродроми и пристаништа во земјата. Причината за протестот се доцнењата во исплатата на надоместоците за прекувремена, ноќна и работа за време на празници.
За македонските патници најголемо значење има фактот што прекинот на работата ќе ги опфати и трите гранични премини кон Грција – Богородица–Евзони, Дојран и Меџитлија–Ники.
Со оглед на тоа што штрајкот се одржува во екот на летната туристичка сезона, кога илјадници туристи секојдневно патуваат кон Халкидики, Олимписката ривиера, Кавала, Тасос и другите популарни дестинации, се очекува создавање долги колони и по завршувањето на четиричасовниот прекин, додека се расчисти насобраниот сообраќај.
Грчкиот синдикат соопшти дека царинските службеници веќе четири месеци ги чекаат исплатите за дополнителната работа и дека со предупредувачкиот штрајк сакаат да извршат притисок врз надлежните институции за конечно решавање на проблемот.
Патниците кои ќе патуваат кон Грција во понеделник се советуваат навреме да го испланираат патувањето и, доколку е можно, да го избегнат периодот од 6:30 до 10:30 часот по македонско време, кога се очекуваат најголемите застои на граничните премини.








