Во Македонија во моментов 29 пациенти чекаат трансплантација на срце, 12 имаат потреба од нов црн дроб, околу 160 се на листата за трансплантација на бубрег, а дваесетина пациенти очекуваат трансплантација на рожница. Овие податоци беа презентирани на панел-дискусија за органодарителството што се одржа во Велес.
Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, посочи дека бројот на пациенти на листите постојано се менува поради извршени трансплантации, новорегистрирани пациенти или, за жал, случаи кога пациентите не дочекуваат соодветен донор.
Таа објасни дека од 1 октомври, со почетокот на примената на новиот Закон за органодарителство, граѓаните ќе можат кај својот матичен лекар доброволно да дадат согласност за дарување органи по смртта.
Кузмановска нагласи дека посмртното органодарителство е можно само кај пациенти кај кои е утврдена мозочна смрт и кои се хоспитализирани на интензивна нега со апарати за одржување на животните функции. Таа потенцираше дека целиот процес е исклучиво доброволен и се спроведува според строго утврдени медицински и законски процедури.
Претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилија Чолакова Дервишова, истакна дека матичните лекари ќе имаат важна улога во процесот на евидентирање на согласностите за органодарителство, со цел секој граѓанин лесно да може да ја изрази својата волја.
На панелот свое искуство сподели и Илчо, кој донирал дел од својот црн дроб за да ѝ го спаси животот на својата ќерка Ана. Тој порача дека дарувањето орган не значи само спасување на еден живот, туку и нова надеж за цело семејство.
Настанот е дел од националната кампања за подигнување на јавната свест за органодарителството, која ќе продолжи и во други градови низ државата.






