ПРВ.мк
Македонија

Поминаа 63 години од катастрофалниот земјотрес што го промени градот (ФОТО)

Поминаа 63 години од катастрофалниот земјотрес што го промени градот (ФОТО)

Скопје денеска одбележува 63 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди градот на 26 јули 1963 година, при што животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени. Разорниот потрес остави траен белег во историјата на главниот град и засекогаш го промени неговиот изглед.

По повод годишнината, во 10 часот делегација на Собранието, составена од пратениците Сергеј Попов и Даниела Николова, ќе положи венец со цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на гробиштата во Бутел. Цвеќе ќе положат и претставници на Град Скопје во рамки на централното комеморативно одбележување.

Во вечерните часови, во Музејот на град Скопје ќе бидат организирани две изложби посветени на трагичниот настан. Во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „63 години – Скопје '63“, авторско дело на Зоја Богдановска, која преку архивски фотографии и сведоштва ги прикажува првите часови по земјотресот, спасувачките акции и личните приказни на преживеаните.

Еден час подоцна ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, која содржи досега необјавени фотографии на Васил Хаџиманов, посветени на погребните и тажачките обреди по катастрофата. Воедно ќе биде промовирано и дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г.“, подготвено од Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

Со овие настани, Скопје уште еднаш им оддава почит на жртвите и потсетува на трагедијата која останува еден од најзначајните и најтажните моменти во историјата на градот.