ПРВ.мк
Свет

Комбе влета во толпа на Парадата на гордоста, има загинат и повеќе повредени

Комбе влета во толпа на Парадата на гордоста, има загинат и повеќе повредени

Најмалку едно лице го загуби животот, а најмалку 15 се повредени откако возило вечерва влета во толпа луѓе за време на Парадата на гордоста во Берлин.

Инцидентот се случил околу 22 часот во близина на Ленештрасе, на трасата по која се одржувала манифестацијата позната како Christopher Street Day (CSD). Според првичните информации, дел од повредените се во критична состојба.

Очевидци изјавиле дека виделе бело комбе како со голема брзина влегува во паркот Тиргартен. По ударот, возачот наводно го напуштил возилото и побегнал, по што полицијата започнала обемна потрага. На социјалните мрежи се појавија и снимки од апсење на лице за кое се претпоставува дека е поврзано со инцидентот, но засега нема официјална потврда.

Поради трагичниот настан, организаторите ја прекинаа Парадата на гордоста и ја откажаа преостанатата програма. На големите екрани во близина на Бранденбуршката порта била прикажана порака за евакуација.

Германската полиција засега не соопштува дали станува збор за намерен напад, терористички чин или друг вид кривично дело. Истрагата е во тек, а случајот моментално се води како „масовна несреќа со голем број повредени“.

На местото на настанот бил активиран протоколот за инциденти со голем број жртви, при што биле ангажирани десетици припадници на службите за итна помош, лекари и болничари кои им укажувале помош на повредените.