ПРВ.мк
Свет

(Видео) Експлозии го потресоа Киев: Балистички напад по предупредувањето на Зеленски

(Видео) Експлозии го потресоа Киев: Балистички напад по предупредувањето на Зеленски

Русија во текот на ноќта изврши нов балистички напад врз Киев, при што беше погодена станбена зграда и избувнаа пожари на повеќе локации, соопштија украинските власти.

Според информациите, околу 00:23 часот по локално време во главниот град на Украина се слушнале повеќе експлозии. Непосредно пред тоа, украинското воено воздухопловство издало предупредување за опасност од балистички проектили.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информираше дека остатоци од проектил паднале врз 18-катна станбена зграда во Шевченковскиот реон, при што пожар зафатил дел од седмиот и осмиот кат.

Украинската Државна служба за вонредни ситуации соопшти дека пожари биле регистрирани и во реоните Десњански, Шевченковски и Соломјански. Според службите, сите пожари биле локализирани и изгаснати.

Во нападот биле оштетени и неколку автомобили, еден нестамбен објект и напуштена четирикатна зграда. Според првичните информации, нема загинати, додека надлежните сè уште ја проценуваат материјалната штета.

Нападот доаѓа само еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека разузнавачките служби располагаат со информации за можен нов масовен руски ракетен напад врз Украина во следните 48 часа.

Само два дена претходно, руски балистички проектил погоди локација во Киев каде што се одржувала изложба на оружје. Според официјалните податоци, во тој напад загинаа 10 лица, а повеќе од 100 беа повредени.