Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски ќе биде ангажиран во Министерството за одбрана, соопшти министерот Владо Мисајловски.
Како што истакна министерот, Ивановски е пример за дисциплина, истрајност и спортски дух, а неговите успеси на домашната и меѓународната сцена се доказ дека посветената работа носи врвни резултати.
Во рамки на новиот професионален ангажман, Ивановски ќе го пренесува своето знаење и искуство на припадниците на Армијата на Република Македонија, со цел унапредување на нивната физичка подготвеност. Воедно, ќе даде придонес и во работата на Советот на воени спортови.
Министерот Мисајловски му посака многу успех во новата улога, нагласувајќи дека државата продолжува да ги поддржува спортистите кои со своите резултати достоинствено ја претставуваат Македонија на меѓународната сцена.










