Целата територија на Македонија е зафатена со портокалова фаза поради екстремно високите температури, а според најновата прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи, топлотниот бран ќе продолжи и во текот на следните денови.
Метеоролозите најавуваат сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Максималните дневни температури насекаде ќе бидат над 32 степени, додека во најтоплите региони ќе достигнат и ќе надминат 40 степени Целзиусови.
Дополнителен предизвик ќе бидат и високите ноќни температури, кои нема значително да се намалуваат, што ќе го отежни разладувањето на организмот и ќе го зголеми ризикот од здравствени проблеми.
Здравствените власти повторно апелираат граѓаните да бидат особено внимателни. Најризични се лицата постари од 60 години, хронично болните, бремените жени, малите деца и работниците кои подолго време престојуваат на отворено.
Се препорачува да се избегнува директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, редовно да се внесуваат течности, да се носи лесна и светла облека, а просториите да се проветруваат во утринските и вечерните часови. Надлежните потсетуваат и дека никогаш не треба да се оставаат деца, постари лица или домашни миленици во паркирани возила.
Во случај на симптоми како силна главоболка, вртоглавица, гадење, забрзана работа на срцето или изразена исцрпеност, граѓаните треба веднаш да побараат медицинска помош, бидејќи може да станува збор за топлотен удар.








