Голем меѓународен успех за Македонија пристигна од Италија, каде што проектот „Најдобар бизнис концепт за зелени иновации“ ја освои престижната награда Green Skills Award 2025, доделена од Европската фондација за обука (ETF). Признанието беше врачено за време на „Деновите на енергија“ во организација на Политехничкиот универзитет во Торино.
Македонскиот проект се искачи на самиот врв, освојувајќи прво место меѓу петте најдобри финалисти, избрани од повеќе од 250 апликации од над 50 земји од целиот свет. Зад Македонија се најдоа Турција и Шпанија, додека Тунис и Казахстан исто така влегоа во завршниот избор.
Иницијативата е препознаена како силен пример за тоа како зеленото претприемништво може успешно да ги спои знаењето и практиката, нудејќи реални решенија за еколошките предизвици. Преку проектот, младите добиваат можност да креираат, тестираат и развиваат идеи што имаат вистинско и мерливо влијание врз животната средина.
Професорот Радмил Поленаковиќ, претседател на NCDIEL и член на тимот од Центарот за извонредност во зелени иновации при Машинскиот факултет на УКИМ, истакна дека ова признание е доказ за посветената работа и потенцијалот што постои во Македонија. Според него, наградата е и силна порака дека европските институции ги препознаваат и вреднуваат напорите на земјата на патот кон Европската Унија.
Наградата Green Skills Award постои од 2021 година и досега привлекла над 1.350 пријави од повеќе од 60 држави, потврдувајќи ја нејзината важност и престиж на светско ниво.

















