Министерството за дигитална трансформација денеска ќе ја промовира новата мобилна апликација „м.Услуги“, која треба да им овозможи на граѓаните полесен пристап до електронските јавни услуги и дигиталните документи директно преку нивните мобилни телефони.
Промоцијата ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје, каде што ќе бидат презентирани можностите на апликацијата, нејзините функционалности и начинот на кој ќе го олесни користењето на дигиталните услуги.
На настанот е предвидено да се обратат претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, како и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас.
Според најавите, „м.Услуги“ е дел од процесот на дигитализација на јавната администрација, со цел граѓаните да добијат побрз и поедноставен пристап до потребните документи и услуги без непотребни административни процедури.
Министерот Стефан Андоновски посочи дека апликацијата претставува прв чекор кон создавање дигитален паричник, преку кој различни документи и услуги ќе бидат достапни на едно место.
„Ова ќе биде наш прв чекор кон дигиталниот паричник. Апликацијата е бесплатна за преземање и не е задолжителна, но ќе нуди многу нови погодности. Ќе го свртиме фокусот кон тоа државата да биде достапна на мобилен телефон, односно на дланка“, изјави Андоновски во пресрет на промоцијата.
Според најавите на министерот, преку апликацијата граѓаните ќе можат да пристапуваат до електронска верзија на личната карта и возачката дозвола, како и до првите три дигитални услуги наменети за нив.
Апликацијата ќе биде достапна бесплатно преку платформите Google Play и App Store. За да ги повлечат своите дигитални документи, корисниците ќе треба да ги внесат личните податоци и бројот на личната карта.
Планот е функционалностите на „м.Услуги“ постепено да се прошируваат. Андоновски најави интегрирање податоци од системот „М.здравје“, како и од европската младинска картичка. Со тоа, апликацијата треба со текот на времето да прерасне во дигитален паричник што ќе обединува повеќе лични документи и јавни услуги.
Прифаќањето на електронските документи од страна на институциите, како што објасни министерот, ќе се воведува постепено. За тоа ќе биде потребно усогласување на подзаконските акти и зајакнување на капацитетите на институциите.
Со воведувањето на „м.Услуги“, Министерството за дигитална трансформација најавува нов чекор кон поедноставување на административните постапки и поголема достапност на јавните услуги преку мобилните телефони.








