Царинската управа ги засилува контролите на зелените пазари во рамки на пошироката акција за сузбивање на нелегалната трговија со тутун и тутунски производи. При една од контролите, спроведена на зелениот пазар во Чаир, биле запленети 135 килограми режан тутун и 30 литри алкохол, за кои не била платена акциза во вкупен износ од 337.558 денари.
Од Царинската управа информираат дека царински службеници од Царинарница Скопје, заедно со мобилни тимови од Одделението за оперативни работи, извршиле претрес на тезги на пазарот. При контролата биле затекнати три лица кои продавале акцизни производи без задолжителни акцизни маркички.
Според надлежните, стоката била пуштена во продажба спротивно на законските прописи, без претходно да биде платена акцизата кон државата.
За двајца од продавачите се поднесени прекршочни пријави. Против третото лице, кај кое е утврдено избегнување акциза во износ од 257.000 денари, ќе биде поднесена кривична пријава согласно Кривичниот законик.
Од Царинската управа посочуваат дека акцијата е дел од пошироките активности за спречување на нелегалната трговија со тутун и тутунски производи. По сузбивањето на меѓународна група осомничена за организиран криминал поврзан со увоз на цигари, контролите се прошируваат и на внатрешниот пазар, вклучително и на зелените пазари.
„Со сеопфатен пристап, преку засилени истраги за увози на тутун и тутунски производи и контроли на внатрешниот пазар, јасно ги покажуваме заложбите за сузбивање на нелегалната трговија со тутун и тутунски производи“, соопштија од Царинската управа.





