Две државјанки на Перу, на возраст од 27 и 26 години, биле приведени на граничниот премин Ќафасан откако полициските службеници при контрола на комбето со кое патувале пронашле марихуана.
Случајот бил регистриран на 27 октомври, кога двете жени влегувале во Македонија. При извршениот преглед на нивниот багаж, кај 27-годишната Перуанка биле пронајдени две пакувања со марихуана, додека кај нејзината 26-годишна сопатничка било откриено уште едно пакување од истата дрога.
По откривањето на марихуаната, двете жени биле приведени и спроведени во Полициската станица во Струга, каде што биле задржани за понатамошна постапка.
Од полицијата информираат дека случајот се документира, а по неговото целосно расчистување против двете државјанки на Перу ќе биде поднесена соодветна пријава.





