Меѓународниот аеродром „Руѓер Бошковиќ“ во Дубровник се соочува со огромна финансиска и инфраструктурна криза откако бил принуден да врати дури 22 милиони евра европски средства поради сериозни нерегуларности во јавните набавки од минатиот период, пишуваат регионалните медиуми.
Скандалот, кој актуелниот градоначалник на Дубровник, Мато Франковиќ, го нарече „најголема корупциска афера со европски пари во Хрватска за која сите молчат“, излезе на виделина откако на наплата стигна последната рата од три милиони евра долг кон ЕУ. Од вкупно 200 милиони евра одобрени за модернизација на аеродромот во периодот меѓу 2013 и 2017 година, дел од средствата морале да бидат вратени, а дел биле автоматски одземени. За да ја покрие настанатата финансиска дупка, аеродромот морало самостојно да се задолжува со кредити.
Скандалозен пропуст: Канализациони цевки за довод на авио-гориво
Покрај финансискиот удар, на аеродромот останал скапо платен, но целосно неупотреблив систем за снабдување на авионите со гориво.
Претставничката на аеродромот, Марина Буквиќ, потврдила дека при техничката анализа е утврден неверојатен пропуст – во системот за гориво биле уградени пластични и стаклени цевки кои се наменети исклучиво за канализациони системи, а не за проток на керозин. Ангажираната германска стручна компанија утврдила дека системот воопшто не може да се стави во функција без нови милионски инвестиции.
Прозван поранешниот директор кој сега раководи со Аеродроми Црна Гора
На седницата на саборскиот одбор за сообраќај, градоначалникот Франковиќ го отвори прашањето за одговорноста и го прозван поранешниот директор Роко Толиќ, кој раководел со дубровничкиот аеродром во времето на споменатите проекти, а денес се наоѓа на чело на Аеродромите Црна Гора.
Толиќ одбил да ги коментира обвинувањата, додека актуелниот директор Виктор Шобер најави правни чекори и тешки разговори за решавање на хаосот. Засега се чека и официјален одговор од Канцеларијата на европскиот јавен тужител (ЕППО) за евентуална истрага против одговорните лица.










