Кредитирањето во земјава продолжува да расте со побрзо темпо од депозитите, покажуваат најновите податоци на Народната банка за август. На годишно ниво, вкупните кредити се зголемени за 13,6 отсто, додека депозитите бележат раст од 9 отсто.
Во однос на јули, кредитирањето е зголемено за 0,7 отсто, при што раст има и кај компаниите и кај домаќинствата.
Кај корпоративниот сектор, кредитите во август се повисоки за 15,1 отсто во споредба со истиот месец минатата година, а на месечно ниво се зголемени за 0,6 отсто. Августовскиот раст кај компаниите целосно произлегува од кредитите во денари.
Зголемено задолжување има и кај граѓаните. Кредитите на домаќинствата бележат годишен раст од 12,3 отсто и месечен раст од 0,7 отсто. Најголемо годишно зголемување има кај станбените кредити – 16,2 отсто, додека потрошувачките кредити се зголемени за 12,2 отсто.
Истовремено, вкупните депозити во август се зголемени за 9 отсто на годишно и за 1,6 отсто на месечно ниво.
Депозитите на компаниите бележат раст од 6,1 отсто за една година и 6,2 отсто во однос на јули. Кај домаќинствата, депозитите се повисоки за 10,2 отсто на годишно ниво, но во август бележат месечен пад од 0,4 отсто.
Орочените депозити на домаќинствата се зголемени за 5,8 отсто на годишно ниво, додека паричната маса М3 бележи годишен раст од 8,2 отсто.
Податоците покажуваат дека разликата во динамиката останува значителна – кредитите за една година пораснале за 13,6 отсто, наспроти растот на депозитите од 9 отсто.










