„Ф-Групација“, компанија која повеќе од две децении се занимава со електронски отпад, е во центарот на вниманието по пожарот што ги зафати нејзините објекти во Трубарево.
Фирмата е основана во 1998 година и до февруари оваа година ја водеше Даниела Налепа-Дамеска, која почина неодамна. Управувањето сега го презеде нејзината ќерка Лора Дамеска.
„Ф-Групација“ е овластена за собирање и отстранување на електронски и електричен отпад, батерии, акумулатори и литиум-јонски батерии од апарати и возила.
Финансиските податоци покажуваат дека фирмата бележела раст на приходите, но и големи осцилации во добивката. Во 2022 година остварила 268 илјади евра приходи со добивка од 14 илјади евра. Во 2023 година приходите пораснале на 279 илјади евра, а добивката скокнала на 50 илјади евра. Минатата 2024 година, приходите достигнале над 347 илјади евра, но добивката паднала на едвај 8 илјади евра.
Налепа-Дамеска беше и управител на подружницата „ЕЕ-Рециклажа“, како и основач на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад, членка на меѓународната организација за цврст отпад.
Додека јавноста го следи развојот на настаните, пожарникарите и натаму се борат со огнената стихија. Опасниот отпад кој гори ќе биде изолиран и третиран со песок, за да се намали ризикот по животната средина.