Повеќе од две децении, 34-годишниот Брент Чепмен од Канада живееше во темнина. Сега повторно може да гледа благодарение на исклучително ретка хируршка процедура наречена „операција заб во око“.
Чепмен го изгубил видот на 13-годишна возраст поради Стивенс-Џонсонов синдром, ретка алергиска реакција на ибупрофен. Две децении пробал различни третмани без успех, сè додека не го сретнал офталмологот д-р Грег Молони во болницата „Маунт Сент Џозеф“ во Ванкувер.
Како функционира операцијата „заб во око“?
Методот, развиен во 1960-тите и применет кај неколку стотици пациенти ширум светот, е сложен и повеќестепен. Забот на пациентот се вади, се обликува со дупка во центарот, се поставува вештачка леќа и потоа се имплантира во окото. Д-р Молони објасни дека користењето на самиот заб го намалува ризикот од отфрлање од телото: „Првата реакција обично е шок и неверица дека нешто вакво постои“.
Чепмен призна дека на почетокот оваа идеја изгледала „како сценарио од научна фантастика“. Резултатите биле импресивни: веднаш по операцијата можел да ги види движењата на рацете, а по целосното закрепнување неговиот вид достигнал 20/30 на едното око.
„Се чувствувам фантастично. Видот ми се врати и е како еден сосема нов свет“, рече Чепмен. Најтрогателниот момент бил кога погледнал во очите на својот лекар: „Кога го видов д-р Молони, двајцата се расплакавме. Немав вистински контакт со очите 20 години“.
Видео: