Министерот за здравство Сашо Клековски оствари средба со тимовите на Универзитетската клиника за детски болести и Универзитетската клиника за респираторни болести – Козле, посветена на унапредување на грижата за пациентите со цистична фиброза.
На средбата присуствуваа и проф. д-р Мирјам Штал од Универзитетската клиника „Шарите“ во Берлин и проф. д-р Чарлс Хаворт од Кралската болница Папворт во Кембриџ, чии центри за цистична фиброза соработуваат со македонските клиники преку твининг-проект.

Клековски потоа го отвори и стручниот состанок посветен на цистичната фиброза, на кој во фокусот биле конкретни прашања за понатамошно подобрување на третманот и организацијата на грижата.

Меѓу главните теми биле реорганизацијата на дистрибуцијата на терапијата, предизвиците кај пациентите со ретки ЦФТР мутации, како и организацијата на грижата за пациентите по завршувањето на педијатрискиот период.
Клековски истакна дека во изминатите три години е постигнат значаен напредок и дека фокусот сега е насочен кон тоа грижата за пациентите да биде уште подобро организирана, континуирана и еднакво достапна и за децата и за возрасните.
„Денес разговорот повеќе не е за тоа дали терапијата ќе стигне до нашите пациенти, туку како грижата да ја направиме уште подобра – организирана, континуирана и еднаква за секое дете и за секој возрасен пациент“, порача Клековски.
Министерот најави и дека на 1 октомври ќе биде соопштен нов важен чекор поврзан со грижата за лицата со цистична фиброза.

Тој им се заблагодари на здравствените работници и сите вклучени во третманот и поддршката на пациентите.










