Министерот за здравство Сашо Клековски учествуваше на работилница посветена на дигиталното здравство, организирана како придружен настан на 5-тата Конференција за здравство на АмЧам.
На заедничка маса биле собрани претставници на институциите, експерти и професионалци од здравствениот сектор, со цел да се разгледаат следните чекори во дигиталната трансформација на здравството.
На настанот учествувал и проф. д-р Коен Кас, кој зборувал за можностите современите технологии да придонесат здравствената грижа да стане поефикасна и поблиска до потребите на пациентите.
Клековски истакна дека големината на државата не мора да биде ограничување за успешна дигитализација, посочувајќи го примерот на Естонија како земја со помал број жители од Македонија која денес претставува еден од препознатливите примери за дигитална држава.
Според министерот, Македонија веќе има значајна основа врз која може да се гради – системот „Мој Термин“, дигитализираните процеси во Фондот за здравствено осигурување и подготвената Стратегија за дигитално здравство 2027–2031.
Клековски нагласи дека следниот предизвик не е само собирањето и располагањето со здравствени податоци, туку нивното користење за конкретно подобрување на услугите што ги добиваат пациентите.
„Прашањето не е дали имаме податоци – туку дали од нив произлегува нешто конкретно за човекот што чека резултат“, порача Клековски.

Тој оцени дека особено значајно е што во процесот се вклучени сите релевантни чинители кои треба заеднички да ја реализираат следната фаза од дигиталната трансформација на здравствениот систем.









