Од 1 јануари 2027 година државата, преку Државна лотарија, ќе биде единствениот организатор на онлајн игрите на среќа и игрите преку видеолотариските терминали во Македонија.
Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната собраниска седница, одговарајќи на пратеничко прашање од Јована Мојсоска од Левица.
Според Николоски, Владата останува на определбата за ограничување на коцкањето и воведување построги правила за организаторите на игрите на среќа.
„Од 1 јануари единствен кој ќе може да приредува онлајн игри на среќа ќе биде државата, односно Државна лотарија, преку еден правен субјект“, изјави Николоски.
Истото правило ќе важи и за видеолотариските терминали (ВЛТ), кои ќе можат да се организираат исклучиво преку еден државен субјект.
Министерот посочи дека со законските измени се воведуваат и дополнителни ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа, локациите на објектите и висината на давачките што ги плаќаат организаторите.
Тој потсети дека по формирањето на актуелната влада биле укинати лиценците на три компании за онлајн игри на среќа, како и платформата „ТуВин“.
Пратеничката Јована Мојсоска, пак, ја обвини Владата дека не го исполнила ветувањето за затворање на платформата „Мегавин“ и побара објаснување за договорите на Државна лотарија со бугарската компанија „МДД Софт“.
Николоски најави и засилени контроли за спречување нелегално коцкање, повикувајќи ги надлежните институции да постапуваат по евентуалните сомневања за неправилности.
Тој се осврна и на судската постапка поврзана со поранешни функционери на Државна лотарија, изразувајќи очекување за нејзино ефикасно разрешување.
Со најавените промени Владата планира поголема државна контрола врз онлајн коцкањето, додека конкретната примена на новите правила треба да започне на 1 јануари 2027 година.







