Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека досега се заловени вкупно 96 говеда во Крива Паланка, во рамки на активностите за справување со проблемот со добитокот кој неконтролирано се движи низ општината.
Од Агенцијата посочуваат дека активностите продолжуваат и покрај сериозните предизвици на терен, меѓу кои се непристапните локации и опструкциите од поранешните сопственици на животните.
АХВ нагласува дека активно работи на изнаоѓање долгорочно и одржливо решение, преку координација со надлежните државни институции и локалната самоуправа.
Приоритет во постапувањето, како што истакнуваат од Агенцијата, е заштитата на здравјето и безбедноста на граѓаните, но и почитувањето на стандардите за благосостојба на животните.
Во меѓувреме, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, информира дека заедно со граѓани поднел кривични пријави против службени лица во АХВ и Агенцијата за управување со одземен имот, поради сомневања за злоупотреба на службената положба и неспроведување на решенијата за одземање на добитокот.
Дополнително, поднесена е претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата и барање за вонреден инспекциски надзор.
Митовски претходно побарал и прогласување 30-дневна кризна состојба, наведувајќи дека на подрачјето има околу 1.000 говеда.
Од АХВ порачуваат дека решавањето на проблемот бара заедничко дејствување на сите надлежни институции, во согласност со нивните законски овластувања.









