ПРВ.мк
Свет

РУСИЈА Ѝ СЕ ЗАКАНИ НА ФРАНЦИЈА: „Вашите војници во Украина ќе бидат легитимни цели!“

РУСИЈА Ѝ СЕ ЗАКАНИ НА ФРАНЦИЈА: „Вашите војници во Украина ќе бидат легитимни цели!“

Нов дипломатски судир меѓу Русија и Франција избувна откако Париз потврди дека повремено испраќа воен персонал во Украина за обука на украинските сили и одржување на воената опрема.

Русија остро реагираше на ова признание, предупредувајќи дека странските војници распоредени на украинска територија ќе ги смета за легитимни воени цели.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека за евентуалните воени мерки ќе одлучуваат руското Министерство за одбрана и Генералштабот.

„Како што изјави претседателот Владимир Путин, странските војници распоредени во Украина ќе станат легитимни цели на руските сили. Се надеваме дека Париз е свесен за тоа“, порача Захарова.

Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Франција дека директно учествува во војната.

„Ова повеќе не е поддршка за Украина, туку директно учество во војната“, изјави Лавров.

Од француска страна категорично ги отфрлија ваквите обвинувања.

Француската заменик-министерка за одбрана, Алис Руфо, потврди дека мал број француски војници и воени експерти повремено престојуваат во Украина, но нагласи дека тие не учествуваат во борбени операции.

Според неа, нивните задачи се ограничени на техничка поддршка, одржување сложена воена опрема и обука на украинскиот персонал.

Меѓу опремата за која Франција обезбедува поддршка се борбените авиони „Мираж 2000-5“ и самоодните хаубици „Цезар“.

Руфо нагласи дека францускиот персонал работи далеку од линијата на фронтот и дека Париз нема намера директно да се вклучи во борбите против Русија.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро исто така ги отфрли руските обвинувања, нагласувајќи дека Франција не е страна во војната.

Според француските медиуми, ограничени мисии на воен персонал се спроведуваат во Украина подолг период, со краткотрајни ротации на специјалисти.

Размената на остри изјави меѓу Москва и Париз дополнително ги зголемува тензиите околу западната воена поддршка за Украина.

Засега нема потврда дека француските војници учествуваат во директни борбени операции, а руските изјави претставуваат предупредување за нивната безбедност.