Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Кина со својата нуклеарна актовка, позната под името „Чегет“, која му овозможува безбедна комуникација со воениот врв и пристап до системот за командување со руските стратешки нуклеарни сили.
Актовката била забележана во средата, 18 ноември, во придружбата на Путин за време на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во кинескиот град Шенжен.
Според руските медиуми, еден од членовите на претседателската придружба носел актовка што претставува дел од системот за нуклеарно командување.
Снимките предизвикаа големо внимание, особено поради најавената средба на Путин со американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг.
Но, што всушност претставува „Чегет“?
Станува збор за специјален пренослив комуникациски уред развиен уште во времето на Советскиот Сојуз.
Тој е дел од рускиот систем за нуклеарно командување и контрола и му овозможува на претседателот да одржува сигурна комуникација со највисокото воено раководство во кризни ситуации.
Преку овој систем можат да се пренесуваат овластувања и команди поврзани со употребата на нуклеарно оружје, додека спроведувањето на наредбите е во надлежност на воените командни структури.
Сепак, присуството на актовката не значи дека Русија ја зголемила нуклеарната готовност или дека се подготвува нуклеарен напад.
Ваквата опрема редовно го придружува рускиот претседател при патувањата во странство.
Нуклеарната актовка и претходно била забележана во придружбата на Путин, меѓу другото и за време на неговата посета на Пекинг во октомври 2023 година.
Нејзиното повторно појавување доаѓа во момент кога Путин, Трамп и Си се подготвуваат за важни разговори за меѓународната безбедност и контролата на нуклеарното вооружување.
Средбата на тројцата лидери е најавена за 19 ноември, а меѓу темите што се очекува да бидат разгледани се глобалните безбедносни предизвици и односите меѓу најголемите светски сили.







