ПРВ.мк
Магазин

Поранешната девојка повторно ја тужи тениската ѕвезда: Бара пари и забрана за една изјава

Поранешната девојка повторно ја тужи тениската ѕвезда: Бара пари и забрана за една изјава

Германската тениска ѕвезда Александер Зверев повторно се соочува со правни проблеми, откако неговата поранешна партнерка Бренда Патеа поднела нова тужба против него пред судот во Берлин.

Патеа, со која тенисерот има петгодишна ќерка, бара паричен надомест и забрана Зверев јавно да изнесува одредени тврдења поврзани со претходната судска постапка за семејно насилство.

Случајот датира од 2024 година, кога против германскиот тенисер се водеше постапка по обвиненија за семејно насилство. Постапката беше прекината по постигната вонсудска спогодба, без судот да утврди вина.

Тогаш Зверев се согласи да плати 200.000 евра, од кои 150.000 евра биле наменети за државниот буџет, а преостанатите 50.000 евра за добротворни цели.

Бидејќи Патеа не добила дел од овие средства, сега бара финансиски надомест поради наводна повреда на нејзините лични права.

Особено спорни се изјавите што Зверев наводно ги дал во интервју за францускиот весник „Л'Екип“, во кое тврдел дека обвинувањата против него се покажале како лажни и дека неговата невиност била докажана.

Адвокатот на тенисерот, Кристијан Шерц, потврди дека тужбата официјално им била доставена на 18 ноември и најави дека неговиот клиент ќе се брани.

Според одбраната, спорните изјави претставуваат лично мислење заштитено со правото на слобода на изразување. Адвокатот нагласи дека претходната постапка завршила без утврдување вина.

Судот во Берлин сè уште нема закажано рочиште, а Зверев има рок да достави одговор на новата тужба.