ПРВ.мк
Македонија

„ЌЕ НÈ ПОТСЕТУВА НА БОЛКАТА И ТРАГЕДИЈАТА“: Крст во чест на 63-те жртви од „Пулс“ поставен во Кочани

„ЌЕ НÈ ПОТСЕТУВА НА БОЛКАТА И ТРАГЕДИЈАТА“: Крст во чест на 63-те жртви од „Пулс“ поставен во Кочани

Во непосредна близина на дискотеката „Пулс“, на влезот во Кочани, е поставен голем крст во чест и спомен на 63-те лица кои ги загубија животите во трагедијата што го потресе градот.

Спомен-обележјето е високо 17 метри и широко 12 метри, а го освети митрополитот Брегалнички г. Иларион, заедно со свештенослужителите од храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Кочани.

Митрополитот посочи дека крстот ќе остане како траен спомен на трагедијата и болката што ја остави зад себе.

„Овој крст ќе нè потсетува и на болката и трагедијата што се случи овде во нашиот град. На повредените нека им подари здравје, сила и поткрепа да закрепнат и дај Боже постојано да останеме во заедница, во љубов со Бога, со силата на крстот со којшто е победена смртта, да ги победуваме сите искушенија и страданија во овој свет“, истакна митрополитот Иларион.

Крстот е изграден со поддршка од Брегалничката епархија, општествено одговорни компании и Општина Кочани.

Општината ја обезбедила проектната документација и потребното одобрение, односно решението за поставување на спомен-обележјето.

Трагедијата во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година. Во пожарот животот го загубија 63 лица, додека повеќе од 200 беа повредени.