ПРВ.мк
Македонија

Кавадарци ги санира последиците од невремето – десетици интервенции за неколку часа

Кавадарци ги санира последиците од невремето – десетици интервенции за неколку часа

По силното невреме што го зафати Кавадарци, веднаш беа активирани сите надлежни служби со цел брзо расчистување на последиците и обезбедување нормално функционирање на градот.

ЈП „Комуналец“ на терен ангажираше повеќе од 30 вработени од неколку одделенија. Во акцијата учествуваа работници од службите за хигиена и зеленило, како и екипи за собирање отпад со специјални возила, кои работеа на расчистување на улиците и отстранување на последиците од невремето.

Според информациите од локалните власти, досега се интервенирало на осум целосно паднати дрвја, а службите одговориле и на повеќе од 30 пријави од граѓани за скршени гранки и други опасности.

Паралелно со тоа, Територијалната противпожарна единица интервенирала со две екипи и вкупно десет пожарникари. Во рок од еден час биле изгаснати два пожари, а реализирани се и четири технички интервенции поврзани со последиците од невремето.

Екипите на ЕВН исто така се на терен и работат на отстранување на дефектите и нормализирање на снабдувањето со електрична енергија.

Во градот се спроведува и вонредно пометување на улиците, како и дополнително собирање на отпад на повеќе локации.

Надлежните информираат дека сите служби остануваат во целосна готовност, бидејќи за вечерните часови се најавува нов бран дожд и засилен ветер. До граѓаните е упатен апел да бидат внимателни, да избегнуваат движење под високи дрвја и навремено да ги пријавуваат сите опасности до надлежните служби.