ПРВ.мк
Македонија

Кавадарци доби еден од најсовремените комплекси: Официјално е отворен Градскиот базен!

Кавадарци доби еден од најсовремените комплекси: Официјално е отворен Градскиот базен!

Градоначалникот Митко Јанчев, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски и бројни гости, денеска официјално го пушти во употреба целосно реконструираниот Градски базен во Кавадарци – еден од најсовремените спортско-рекреативни комплекси во државата.

Проектот е реализиран со инвестиција од околу еден милион евра, обезбедени преку вториот јавен повик на Владата, со што базенскиот комплекс доби комплетно нов и современ лик.

Модерни содржини за сите генерации

Во рамките на реконструкцијата, целосно се обновени големиот и малиот базен, а инсталиран е и нов, современ систем за филтрација и пречистување на водата. За најмладите се поставени нови водни атракции, тобогани, детски водни реквизити и современо игралиште.

Покрај тоа, во целост се реновирани соблекувалните, тушевите, санитарните јазли, лекарската просторија, пристапните патеки и сите придружни објекти.

„Ова не е само реконструкција на еден објект, туку инвестиција во иднината на Кавадарци – во спортот, рекреацијата, туризмот и подобриот квалитет на живот на нашите граѓани“, истакнаа од Општина Кавадарци.

Нов мотор за локалниот развој

Градскиот базен од денеска ги отвора вратите за сите посетители и се очекува да биде главното место за спорт, дружење и рекреација во текот на летните месеци. Со овој капитален проект, Кавадарци уште еднаш ја потврдува својата заложба за континуиран развој во современ и урбан град.