ПРВ.мк
Македонија

Јаневска со силна порака од Охрид: „Македонскиот јазик никој не може да го избрише“

Јаневска со силна порака од Охрид: „Македонскиот јазик никој не може да го избрише“

Македонскиот јазик има цврсто место во светската културна ризница и никој не може да го избрише неговото духовно наследство, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на 59. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид.

Јаневска истакна дека зачувувањето, изучувањето и меѓународната афирмација на македонскиот јазик остануваат важна институционална обврска.

„Македонскиот јазик, преку духовното наследство, е веќе вграден во светската културна ризница. Тоа не може да се избрише, но може да се збогати“, порача таа.

Според министерката, институционалната поддршка се зајакнува преку образованието и науката. Учениците од прво до петто одделение имаат по 180 часа македонски јазик годишно, додека предметот редовно се изучува и во повисоките одделенија и гимназиското образование.

МОН обезбедува учебници, поддржува научно-истражувачки проекти и доделува стипендии за студенти кои се определуваат за студии поврзани со македонскиот јазик.

Истовремено расте интересот за македонистиката и надвор од земјава. Годинава бил обновен најстариот лекторат во Неапол, а македонски лектори се ангажирани и во Хрватска, Кина, Романија, Полска, Албанија и Словачка.

„Македонскиот јазик ќе остане жив преку луѓето кои го говорат, преку институциите каде се истражува и преку културните дела што патуваат надвор од границите“, порача Јаневска.