Две тешки сообраќајни несреќи се случиле во Скопје во период од само неколку часа, при што тешко биле повредени велосипедист и мотоциклист.
Првата несреќа се случила на 19 август околу 17 часот, на крстосницата на улиците „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и „Ленинова“.
Според МВР, се судриле автомобил „рено“, управуван од 39-годишен скопјанец, и мотоцикл „јамаха“, управуван од М.Р. (39) од Скопје. Мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Неколку часа подоцна, околу 20:40 часот, била пријавена уште една тешка сообраќајка, овојпат на крстосницата на булеварите „Гоце Делчев“ и „Киро Глигоров“.
Во несреќата учествувале џип управуван од Д.К. (38) и велосипед управуван од 62-годишниот Н.Ј., двајцата од Скопје.
Велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата „Св. Наум Охридски“.
На двете места увид извршиле екипи на СВР Скопје.







