Бугарската нуклеарна централа „Козлодуј“ ќе го намали производството на електрична енергија поради критично ниското ниво на реката Дунав, соопшти бугарското Министерство за енергетика.
Станува збор за мерка која, според надлежните, се применува за првпат во 52-годишната оперативна историја на нуклеарната централа.
Од утре производството на Блок 5 ќе биде намалено за околу 120 мегавати. Овој блок располага со капацитет од нешто повеќе од 1.000 мегавати.
Причината е продолжената суша и повлекувањето на Дунав, чие ниво од Министерството го опишуваат како „невидено и критично“ ниско.
Намалувањето на производството е дел од мерките што се преземаат за да се обезбеди безбедно функционирање на нуклеарната централа во актуелните услови.
„Козлодуј“ се наоѓа на брегот на Дунав, а реката има значајна улога во системите за ладење на централата.
Одлуката претставува преседан за најголемиот бугарски производител на електрична енергија, бидејќи во повеќе од половина век работа досега немало потреба производството да се намалува поради толку ниско ниво на Дунав.









