Жител на Неготино останал без 27.000 денари откако наседнал на лажна СМС-порака за наводен сообраќаен прекршок.
Случајот бил пријавен на 19 август во ОВР Неготино. Според пријавеното, 44-годишниот маж добил порака во која било наведено дека треба да плати сообраќајна глоба од 920 денари, но доколку плати веднаш, му следувал попуст од 50 проценти и требало да уплати само 460 денари.
Мажот ги следел инструкциите од пораката и со платежната картичка на неговата сопруга започнал постапка за плаќање. Добил известување дека трансакцијата е успешна, но набргу потоа забележал дека од сметката не биле повлечени 460, туку дури 27.000 денари.
Откако сфатил дека станува збор за измама, случајот го пријавил во полиција.
Од МВР повторно апелираат граѓаните да бидат внимателни со сомнителни пораки и линкови и да не внесуваат податоци од платежни картички на непроверени страници.
Од полицијата потсетуваат дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци се испраќаат од „MVR-SC“ и во нив задолжително се наведува регистарската ознака на возилото.
Извор: Скопје1









