Грчките власти најавија пакет мерки со кои треба да се намалат долгите колони и да се забрза протокот на возила на граничниот премин Евзони, еден од најоптоварените премини меѓу Македонија и Грција во текот на летната сезона.
Според најавите, на преминот ќе бидат поставени модуларни контролни пунктови кои ќе овозможат проширување на капацитетите за гранична контрола. Со новото решение, дел од постојните сообраќајни ленти ќе можат привремено да се поделат, со што ќе се зголеми бројот на возила што истовремено ќе се обработуваат.
Заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, Константинос Гкулекас, посочи дека мерките се дел од поширок план за подобрување на функционирањето на преминот во периодот кога илјадници туристи секојдневно патуваат кон грчките туристички центри.
Покрај привремените решенија, грчката страна најавува и модернизација на инфраструктурата на самиот граничен премин. Целта е да се подобрат условите за работа на службите и да се овозможи побрза обработка на патниците.
Дополнително, властите најавија дека ќе се користат и посебни механизми за прилагодување на новите европски правила за регистрација на патници при влез во Европската Унија, со цел да се избегнат дополнителни застои во деновите кога сообраќајот е најинтензивен.
Преминот Евзони–Богородица секое лето бележи рекорден број патници, а новите мерки треба да придонесат за пократко чекање и поефикасно преминување на границата за туристите кои патуваат кон Грција.









