Млад Белгиец со дијагностицирана психопатија открива кои личности најчесто стануваат цел на манипулатори и зошто токму тие полесно ја губат контролата врз сопствените одлуки.
Лоик де Мари, 25-годишник од Белгија, во интервју зборуваше за начинот на кој порано ги препознавал луѓето врз кои најлесно можел да влијае. Според него, најчести мети биле несигурни личности, луѓе со ниска самодоверба, како и оние кои покажуваат изразена емпатија и емоционална ранливост.
Тој тврди дека психопатите често развиваат способност брзо да ја проценат личноста што стои пред нив и да препознаат кој е подложен на влијание. Како знаци ги наведува срамежливото однесување, избегнувањето контакт со очи и постојаната потреба од одобрување од другите.
Според неговите зборови, клучот на успешната манипулација е стекнувањето доверба. Манипулаторите најпрво создаваат впечаток дека се искрени, шармантни и грижливи, а потоа ја користат таа доверба за да го добијат она што го сакаат.
Лоик признава дека со текот на времето научил вешто да ги прикрива своите вистински емоции и да остава впечаток на многу емпатична личност, што дополнително му помагало во односите со луѓето.
Денес, по започната терапија, вели дека се обидува да живее поинаку и да биде поискрено настроен кон околината. Сепак, признава дека поради неговото минато, многумина и натаму гледаат со недоверба на неговите изјави и искуства.
Психолозите предупредуваат дека здравата самодоверба, поставувањето лични граници и критичкото размислување се едни од најдобрите начини за заштита од манипулација.







