Три лица загинаа во руски напад со FPV-дрон врз украинскиот град Никопол, соопштија локалните власти во Дњепропетровската област.
Според информациите, дронот директно погодил цивили кои се движеле покрај патот, при што на лице место загинале три лица. Меѓу жртвите се 87-годишна жена и нејзиниот 51-годишен син, додека идентитетот на третото лице сè уште се утврдува.
Началникот на Воената управа на Дњепропетровската област, Олександр Ханжа, изјави дека станува збор за директен напад врз цивилно население.
На фотографиите објавени од регионалните власти се гледаат уништени инвалидски колички и траги од пожар на местото на нападот, што дополнително сведочи за тежината на трагедијата.
Нападот во Никопол доаѓа во време на засилени борбени дејствија во повеќе делови од Украина. Во текот на денот беа регистрирани и нови напади врз други украински градови. Во Запорожје најмалку пет лица се здобиле со повреди, додека во Харков уште четири лица биле повредени во напади извршени со беспилотни летала.
Надлежните служби продолжуваат со увидот и утврдувањето на сите околности поврзани со нападот.









