ПРВ.мк
Македонија

Голема промена во Македонија: Граѓаните ќе одлучуваат дали сакаат да бидат донори на органи - Владата усвојува нови правила

Голема промена во Македонија: Граѓаните ќе одлучуваат дали сакаат да бидат донори на органи - Владата усвојува нови правила

Владата го усвои Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување, со кој се воведуваат нови правила во областа на органодарителството и трансплантацијата.

Со предложените измени, секој полнолетен граѓанин ќе има можност при посета на својот матичен лекар да изрази став дали сака или не сака по својата смрт да биде дарител на органи и ткива. Оваа информација ќе се евидентира во системот „Мој Термин“, а граѓаните ќе можат во секое време да ја изменат својата одлука.

Од Министерството за здравство посочуваат дека на овој начин ќе се добијат попрецизни податоци за интересот и довербата на граѓаните во системот за органодарителство.

Измените предвидуваат и проширување на кругот на живи дарители. Освен најблиските членови на семејството, можност за дарување ќе имаат и сродници во странична линија до четврти степен, вклучително и првите братучеди. Секоја постапка ќе биде предмет на контрола од етичка комисија која ќе утврдува дали одлуката е доброволна и без каква било принуда.

Предвидени се и поедноставени процедури за трансплантација, како и олеснување на административните постапки поврзани со утврдување на мозочна смрт.

Според Министерството за здравство, целта е да се создаде поефикасен систем во кој волјата на граѓаните ќе биде јасно евидентирана и почитувана, а пациентите кои чекаат трансплантација ќе добијат поголеми можности за лекување.