ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА ЗАПЛЕНА НА МАКЕДОНСКАТА ЦАРИНА: Ги фатиле со дури 79 кила дрога!

ГОЛЕМА ЗАПЛЕНА НА МАКЕДОНСКАТА ЦАРИНА: Ги фатиле со дури 79 кила дрога!

Меѓународна криминална група поврзана со нелегална трговија со дрога е разбиена по спроведена истрага на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги. Во акцијата биле приведени пет лица, а против нив е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Акцијата започнала по добиена разузнавачка информација, по што мобилните тимови презеле оперативни активности за откривање и спречување на нелегалниот транспорт.

На граничниот премин Дојран, на излез од државата, царинските службеници спречиле обид за транспорт на 79 килограми марихуана, која, според информациите од истрагата, била наменета за турскиот пазар.

Дрогата била запленета, а возачот на камионот, државјанин на Босна и Херцеговина, бил приведен.

По заплената, Одделението за истраги, во координација со ОЈО ГОКК, започнало предистражна постапка со цел да се утврди кој сè бил вклучен во организирањето на нелегалниот транспорт.

Во текот на истрагата било утврдено дека камионот со кој управувал државјанинот на БиХ претходно влегол во Македонија натоварен со железни профили. Негова задача била товарот да го транспортира до Грција.

Но, според утврденото во предистражната постапка, по претходен договор со лица од Македонија, на однапред договорена локација во камионот била претоварена марихуаната.

По завршувањето на претоварот, камионот бил пломбиран со пломба која возачот ја имал кај себе, по што продолжил кон Грција.

Возилото се упатило кон граничниот премин Дојран, каде што било пресретнато од мобилните единици и бил откриен нелегалниот товар.

Од Царинската управа информираат дека со продолжување на разузнавачките, оперативните и истражните активности ќе продолжат и напорите за сузбивање на нелегалната трговија со дрога и откривање на лицата инволвирани во вакви криминални активности.