Акција против бесправната сеча и дрвокрадството била спроведена вечерва во селото Отља, во Општина Липково, при што биле откриени и одземени поголеми количини нежигосана дрвна маса за која немало соодветна документација.
Во текот на акцијата дошло и до брканица и инцидент меѓу службените лица и лицата кои превезувале дрва. Според заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, во обид да го попречат движењето на полицијата, дрвокрадците истуриле дел од дрвата, а потоа биле бркани и пешки.
За среќа, инцидентот поминал без сериозни последици и без повредени лица.
Одземената дрвна маса била преземена од Шумската полиција и службите на ЈП „Национални шуми“. По преземањето, дрвата биле транспортирани и складирани во складот на ПШС Куманово.
Од „Национални шуми“ најавуваат дека контролите и акциите против бесправната сеча ќе продолжат и во наредниот период, со цел да се спречи незаконското присвојување и трговија со дрва.
„Нулта толеранција за криминалот со дрвата. Сите што крадат ќе дојдат на ред. Нема мали и големи“, порача заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“.
ИЗВОР: Скопје1.мк







