Владимир Путин го оживе злокобниот нуклеарен систем од Студената војна, осмислен да обезбеди руска одмазда дури и во случај разорен напад да го уништи целото нејзино државно раководство. Скриен под планините во уралската дивинина во централна Русија, огромен подземен команден центар минува низ масовно проширување, што укажува на враќање на озлогласената советска нуклеарна стратегија.
Големиот бункер од ерата на Студената војна денес е луксузен рај: Во дневната соба има вистински водопад, а цената за ноќевање е вистинска „ситница“
Што е системот „Мртва рака“?
Овој масивен подземен бункер, познат како „Објект 1335“, се наоѓа во близина на малото село Китлим. Удалечен е стотици километри од поголемите градови и е опкружен со непрооден терен, а го чува силно утврден воен гарнизон со митралески кули.
Локацијата е клучен дел од рускиот систем „Периметар“ – на Запад познат како „Мртва рака“. Системот е дизајниран така што да ја зачува способноста на земјата за одмазда против непријателот дури и по катастрофален напад. Доколку комуникацијата со раководството биде прекината, „Објект 1335“ автоматски би испраќал радио-сигнали до мобилните лансирни рампи и преживеаните силоси за лансирање ракети. За да биде ова можно, самиот бункер е проектиран да издржи дури и директни удари од американски бомби наменети за пробивање на длабоки подземни цели.
Градилиште со епски размери
Се верува дека „Објект 1335“ и остатокот од системот паднале во состојба на мирување при крајот на Студената војна, откако биле изградени во осумдесеттите години од минатиот век. Сепак, сателитските снимки, пролеаната градежна документација и фотографиите од руските војници откриваат дека програмата е реактивирана и значително проширена.
Заедничката истрага на The Sunday Times, Danwatch и Dossier Center откри градежни работи вредни стотици милиони евра на оваа локација. Тендерите и договорот од 2011 до 2024 година бележат изградба на нови тунели и најмалку 24 подземни комори. Размерите се зачудувачки: за изградба на овој џиновски бункер се употребени околу 20.000 тони челик – што е еквивалент на три Ајфелови кули – и дури 150.000 квадратни метри бетон, заедно со стотици километри кабли. Сателитските снимки исто така покажуваат масовно проширување на блискиот воен камп (Единица 20003), каде што војниците минуваат низ специјалистичка обука.
Растечка параноја и нова трка во вооружувањето
Експертите сметаат дека овие инвестиции покажуваат дека Кремљ повторно му придава огромно значење на зачувувањето на нуклеарната команда поради растечката параноја од потенцијален напад од Западот. Првата официјална трага за обновата на овој систем ја даде самиот Владимир Путин на состанокот со воените советници во 2020 година, кога истакна дека изградбата на „апсолутно безбеден објект за контрола на стратешките нуклеарни сили е при крај“.
Том Росет, експерт за руска безбедносна политика на Норвешкиот воен колеџ, ја објаснува оваа стратегија: „Изгледа дека Русите го обезбедуваат овој објект против секаков вид напад. За да го заштитат 1335, мора да копаат уште подлабоко и дополнително да ја зајакнат локацијата. 'Периметар' повторно ќе има приоритет во понапрегната геополитичка ситуација во која Русија се гледа себеси во судир со Западот.“
Дополнителен притисок врз Москва создаде и успешното американско бомбардирање на подземните нуклеарни бункери во Иран, што кај Русите ја намали чувството на сигурност. Занимливо е дека руското зајакнување на утврдувањата се совпаѓа со слични потези на Вашингтон – САД во моментов ги модернизираат сопствените комплекси Cheyenne Mountain во Колорадо и Raven Rock Mountain (познат како подземен Пентагон) во Пенсилванија.





