Патниците во Европската Унија наскоро ќе добијат појасни и посилни права при проблеми со авионските летови. Новите правила предвидуваат финансиски надомест до 600 евра, бесплатен хотел при подолго чекање, полесно пренасочување до крајната дестинација, како и дополнителна заштита за семејствата кои патуваат со деца.
Новата регулатива веќе е објавена во Службениот весник на ЕУ, а нејзината примена ќе започне на 23 октомври 2027 година.
Една од најзначајните промени за патниците е задржувањето на правото на финансиски надомест во одредени случаи кога летот ќе пристигне со повеќе од три часа задоцнување или кога ќе биде откажан помалку од 14 дена пред планираното поаѓање.
Висината на надоместокот ќе зависи од должината на патувањето. За летови до 1.500 километри ќе се исплаќаат 250 евра, додека за подолги летови во рамките на ЕУ, како и за летови со должина меѓу 1.500 и 3.500 километри, предвиден е надомест од 400 евра.
Кај најдолгите летови, финансискиот надомест може да достигне 600 евра.
Со новите правила попрецизно се дефинираат и обврските на авиокомпаниите додека патниците чекаат. Предвидено е да им се обезбедува освежување на секои два часа, додека по три часа чекање треба да добијат и оброк.
Патниците треба да имаат и пристап до интернет, како и можност за телефонски повици.
Доколку поради нарушувањето на летот се појави потреба од ноќевање, авиокомпанијата ќе треба да обезбеди хотел, како и превоз до сместувањето и назад.
Ако превозникот не ја обезбеди потребната помош, патникот ќе може сам да ги покрие разумните трошоци, а потоа да побара нивно враќање од авиокомпанијата.
Дополнителна заштита за семејствата
Новите правила носат и конкретни олеснувања за семејствата со деца. Малолетните деца ќе треба да бидат сместени на седиште до родителот или лицето кое ги придружува, без за тоа да се наплаќа дополнителна сума.
Засилена е и заштитата за лицата со попреченост или намалена подвижност, бремените патнички, како и за малолетниците кои патуваат без придружба.
Една од промените се однесува и на таканареченото правило „no-show“. Авиокомпаниите повеќе нема да смеат да му го одбијат враќањето на патник само затоа што тој не го искористил првиот, односно појдовниот лет од истиот билет.
Промените го опфаќаат и багажот
Новите правила носат промени и во начинот на кој се прикажуваат цените на авионските билети.
Авиокомпаниите ќе мора уште пред патникот да ја заврши резервацијата јасно да ја прикажат цената на билетот заедно со дозволениот рачен багаж. Целта е патниците полесно да можат да ги споредуваат различните понуди и да знаат што точно добиваат за цената што ја плаќаат.
Регулативата дополнително ги уредува и правата и одговорностите на патниците и авиокомпаниите во случај на проблеми со багажот.
Промените се резултат на повеќегодишни преговори во Европската Унија за модернизирање на правилата за правата на авионските патници. Голем дел од постојните правила не биле суштински менувани повеќе од 20 години.
Со новата регулатива ЕУ сака да го олесни остварувањето на правата на патниците и попрецизно да утврди кои обврски ги има авиокомпанијата кога летот ќе биде откажан, ќе доцни или патувањето нема да може да продолжи според првично планираната маршрута.





