Управата за јавни приходи (УЈП) упати важно предупредување до граѓаните поради појава на лажни SMS пораки кои се испраќаат во име на институцијата.
Од УЈП информираат дека граѓаните добиваат пораки во кои се наведува дека постои проблем со нивната сметка за социјално осигурување, а во SMS пораката има и приложен линк. Станува збор за порака која гласи:
„Потсетник на UJP: Статутот на вашата сметка за социјално осигурување е абнорамaлен. Препорачуваме да го решите проблемот што е можно поскоро“.
Од Управата за јавни приходи категорично предупредуваат граѓаните да не го отвораат линкот доколку ја добијат оваа порака, како и да не внесуваат лични, банкарски или други чувствителни податоци.
Според УЈП, ваквата порака може да претставува обид за измама, со цел злоупотреба на лични и финансиски информации од граѓаните.
Затоа, граѓаните се повикуваат сите информации поврзани со Управата за јавни приходи да ги проверуваат исклучиво преку официјалните канали на институцијата, односно преку официјалната веб-страница, официјалните е-услуги, како и преку официјално објавените контакт-адреси и телефонски броеви.
УЈП ги објави и официјалните контакт-податоци преку кои граѓаните можат да се информираат:
Официјална е-пошта: [email protected]
Инфо центар: 0800 33 000, достапен само од фиксни оператори, и 02 3253 200.
Официјална веб-страница: www.ujp.gov.mk
Од институцијата дополнително апелираат граѓаните да бидат особено внимателни со SMS пораки од сомнителен извор. Не треба да се отвораат линкови испратени преку вакви пораки, ниту пак да се споделуваат лични податоци или информации поврзани со банкарски сметки.
УЈП ги повика граѓаните да го споделат предупредувањето со своите блиски, со цел навремено да се спречат можни злоупотреби и измами.
„Не кликајте на линкови од сомнителни SMS пораки и не споделувајте лични или податоци од вашите банкарски сметки“, предупредуваат од Управата за јавни приходи.










