Глечерот под Триглав, кој со децении беше еден од препознатливите природни симболи на Словенија, се наоѓа пред целосно исчезнување. Научниците предупредуваат дека последните остатоци од мразот би можеле да се стопат во наредните денови, со што би завршило постоењето на она што некогаш било вистински глечер.
Набљудувањата на глечерот се спроведуваат уште од 1946 година. Во тој период тој покривал површина од околу 14 хектари. Но, во последните години неговата состојба драстично се промени, па глечерот практично престанал да функционира како глечер – повеќе не се создавал нов мраз, ниту пак се забележувало негово придвижување.
„Сите показатели укажуваат на тоа дека последните остатоци од мраз буквално ќе исчезнат во наредните денови“, изјави за Reuters Миха Павшек од Географскиот институт „Антон Мелик“ при Истражувачкиот центар на Словенечката академија на науките и уметностите (ZRC SAZU).
Павшек посочува дека лично го следи глечерот веќе три децении и дека годинава, според сите показатели, неговата долгогодишна работа во врска со глечерот под Триглав се приближува кон крајот.
На состојбата дополнително влијаеле климатските промени. Минатата зима на подрачјето на глечерот биле измерени снежни врнежи под просекот, а снежната покривка исчезнала невообичаено рано. Поради тоа, преостанатите ледени површини биле изложени на летните високи температури многу подолго отколку вообичаено.
„Дури ниту заштитената локација, помалку изложена на сончева светлина, повеќе не можеше да ги спаси остатоците од овие вистински глечери“, нагласува Павшек.
Исчезнувањето на глечерот под Триглав не е изолиран случај. Тоа е дел од поширок тренд што се забележува низ Европа, континентот кој во глобални рамки бележи најбрзо зголемување на температурите.
Последиците од топењето на глечерите, според експертите, би можеле да бидат значајни и за водоснабдувањето и водотеците во поширокиот регион. Особено загрижува состојбата со глечерите во соседна Австрија, бидејќи тие се важен извор на вода за водотеците што се поврзани со сливот на реката Сава, меѓу кои се и Мура и Драва.
Павшек објаснува дека иако станува збор за релативно мал удел во вкупните количини на вода, тој може да биде особено значаен во сушните периоди.
„Го губиме оној мал, но клучен дел од водата што беше од витално значење, особено во сушните години. Ситуацијата изгледа сосем поинаку кога ги разгледуваме водотеците што се влеваат во сливот на Сава“, вели тој.
Според него, Мура и Драва во голема мера добиваат вода од глечерите во соседна Австрија. Доколку овие глечери продолжат да исчезнуваат, што според предвидувањата би можело да се случи со огромното мнозинство од нив во наредните децении, последиците би биле видливи и во протокот на реките.
Павшек предупредува дека доколку температурите продолжат да растат, голем број од овие глечери би можеле целосно да исчезнат до крајот на векот. Со нивното повлекување и исчезнување, се очекува постепено намалување на количеството вода што придонесува за протокот на Мура и Драва.
Помалите речни протoци, пак, би можеле директно да се одразат врз земјоделството. Особено би биле погодени земјоделските површини кои зависат од наводнување преку овие реки, меѓу кои се рамнините Драва и Птуј, како и делови од регионот Помурје.
Случајот со глечерот под Триглав така станува уште еден показател за промените што се случуваат со високопланинските ледени површини во Европа и за можните долгорочни последици од нивното исчезнување.







