М. С. (40) од Кумано, Србија, е осомничен дека ја злоставувал и убил својата мајка Славица С. во нивниот семеен дом, а потоа го распарчувал нејзиното тело. Против него се води истрага и поради сомнение за неовластено поседување канабис и кокаин.
Вишото јавно обвинителство во Зрењанин на 4 октомври издало наредба за спроведување истрага против 40-годишникот поради основано сомнение дека сторил тешко убиство и неовластено поседувал наркотични средства.
Според сомненијата на обвинителството, М. С. ја убил својата мајка Славица С. во семејниот дом во Кумано, во периодот меѓу 2 септември и 1 октомври годинава, но точниот датум на злосторството засега не е утврден. На истрагата дополнително ѝ се ставено на товар и сомнението дека на 1 октомври во куќата чувал канабис и кокаин.
Телото на жената било пронајдено во семејниот дом откако нејзината ќерка пријавила дека мајка ѝ исчезнала и дека со денови немала контакт со неа.
Дежурниот јавен обвинител извршил увид на местото, а во текот на истрагата биле пронајдени и делови од телото во замрзнувач.
На предлог на обвинителството, Вишиот суд во Зрењанин му одредил притвор на осомничениот поради опасност од влијание врз сведоци, можност за повторување на кривичното дело и вознемирување на јавноста.
Соседите велат дека семејството било познато во селото
Случајот ги потресе жителите на Кумано, кои за Славица и нејзиниот покоен сопруг зборуваат со пофални зборови. За нејзиниот син, пак, соседите велат дека и претходно предизвикувал проблеми.
„Сите во селото можат да кажат само најдобро за Славица и нејзиниот покоен сопруг, тие имале хармоничен брак. Сепак, синот отсекогаш бил чуден. Постојано се расправал со својот татко, а подоцна се покажа дека имал сериозни проблеми со дрога“, раскажале соседи.
Претходно бил пријавуван за семејно насилство
Извор близок до истрагата за српските медиуми потврдил дека М. С. и претходно бил склон кон насилно однесување.
Според изворот, тој двапати бил обвинуван за семејно насилство. Во првиот случај добил условна казна, откако било утврдено дека има проблеми со менталното здравје.
Кога насилството повторно се случило, судот му наредил лекување во затворска болница, бидејќи било проценето дека станува збор за лице со ментално нарушување кое ги повторува своите постапки во состојба на неурачунливост.
М. С. бил подложен на лекување, но подоцна бил ослободен.
„По лекарска проценка и со одобрение на судот, тој беше пуштен да продолжи со лекувањето дома. Во меѓувреме, неговиот татко почина, па неговата мајка ја презеде целата грижа за него. Ги криеше проблемите со кои се справуваше од оние околу неа“, навел изворот близок до истрагата.
Исчезнувањето на мајката го открило случајот
Славица С. била пензионирана лекарка, која дошла во семејниот дом во Кумано за да го посети својот син.
Нејзината ќерка, односно сестрата на осомничениот, забележала дека не може да стапи во контакт со мајка си и дека неколку дена не слушнала ништо од неа. Поради тоа, исчезнувањето било пријавено во полиција.
По пријавата, полициски службеници пристигнале на адресата на семејниот дом, каде што било откриено злосторството.
М. С. во моментов се наоѓа на психијатриско одделение. Истрагата продолжува, а надлежните органи треба да ги утврдат сите околности поврзани со смртта на Славица С., како и случувањата во периодот пред да биде откриено нејзиното тело.





